|
На 23 септември 1948
година Славко Матовски и Никола
Таневски на Градскиот стадион во
Скопје пред група спортисти на
Спортското друштво “Работнички“
демонстрирале уште една спортска
дисциплина – големиот ракомет.
Интересно е да се забележи дека
оваа игра, како ретко која, брзо ги
освоила срцата на младината во
Република Македонија. Но,
истовремено вреди да се напомни и
податокот дека како ретко во кој
спорт младите спортисти на “Работнички“
успеале, за кратко време, да
постигнат значајни спортски
резултати.
Па така, веќе во 1949 година
ракометарите на “Работнички“
без ниеден одигран официјален
натпревар, но со голем елан и
желба за успех се нашле на своето
Прво државно првенство. Првите
резултати се повеќе од
задоволувачки: еден натпревар е
изгубен, а два се одиграни
нерешено. Трудот на играчите Ацо
Костовски, Христовски – Мулац,
Никола Таневски, Коруновски,
Никола Куновски, Илија Ќовкаров,
Војчо Димитровски, Александар
Попов, Благоја Попов, Мите Панов,
Стојан Богоевски и Боро Павлов,
како и на тренерите Славко
Матовски, Никола Таневски и
Стојан Богоевски –Гајда се
исплатеше. Веќе во септември 1949
година, по формирањето на
Ракометниот клуб “Студент“,
ракометарите на “Работнички“
добија свој соперник, а во 1950
година беше формирана и
Републичката ракометна лига со
шест екипи. “Работнички“ е
првиот републички шампион во
голем ракомет. Во 1950 година
екипата ќе земе учество во
Сојузната лига во голем ракомет,
но по првите успешно одиграни
кола кога го заземала петтото
место доаѓа до ненадејно
подмладување на екипата поради
тоа што дел од играчите заминале
на отслужување на воениот рок, а
дел преминале во редовите на
штотуку формираната кошаркарска
екипа.
Во годините што ќе уследат потоа,
почетниот полет во прифаќањето на
големиот ракомет спласнал во
Републиката. Формираните клубови
во внатрешноста на Републиката
запаѓаат во криза и замираат со
работа. “Работнички“ ја
продолжува својата активност и во
1952, 1953, 1954, 1955 и 1957 година ги
освојува републичките првенства
во голем ракомет. Во овој период “Работнички“
настапува и на сојузните
првенства и во квалификациите за
потполнување на Првата ракометна
лига. Во 1958 година и официјално,
поради големата конкуренција на
малиот ракомет, големиот ракомет
престанува да се игра во
поранешна Југославија, а со тоа и
во Македонија. Во македонската
ракометна историја ќе остане
забележано дека Славко Матовски и
Драган Геровски играле за
југословенската репрезентација
во голем ракомет.
Првата екипа на “Работнички“ во
мал ракомет ја сочинувале Славко
Матовски, Драган Геровски,
Драгослав Лазиќ, Тихомир Михајлов,
Драган Сотиров, Томислав Соколов,
Роде Десовски, Душко Ивановски и
Момчило Поповиќ. Ракометот со
седум играчи брзо е прифатен и
раширен во педесетитте години, и
беше спортски феномен во
Републиката. Секако, не е ништо
чудно ако во тие аматерски години
на овој спорт не остане
забележано дека ракометарите на
“Работнички“ беа најдобри во
Републиката, а многу значајно
место имаа и на сојузните и куп
натпреварите на југословенско
ниво. Така во 1956 година се трети во
Југословенскиот турнир; од 1958 до
1967 членови на сојузните лиги, а 1960
беа финалисти на Југословенскиот
куп. Плод на целокупната оваа
успешна активност е и играњето на
Зафир Куновски, Никола Матовски,
Теофил Томановиќ, Александар
Милиновиќ, Ламбро Пејов, Славе
Атанасовски и Владо Гоцовски во
сојузните државни селекции.
Но неминовно доаѓа периодот на
смена на генерациите. Врвниот
спорт неминовно на мала врата
почна да се комерцијализира. Во
Републиката се појавија нови
ракометни центри. “Работнички“
во тие 60-ти години се најде во
Македонската ракометна лига. Во
првенството 1969/70 освоено е првото
место и на квалификациите е
изборено местото во Втората
ракометна лига. Во овие
натпревари се искали една нова
генерација на ракометари
Дуковски, Пакетчиев, Томановиќ,
Ивановски, Николовски, Калковски,
Михајловиќ, Гајдов, Велковски,
Гњатовиќ, Симев, а кон нив се
приклучи и селекцијата на
подмладокот на “Работнички“
која никна од гимназиската
селекција на средното училиште “Ѓорѓи
Димитров“ - Алчев, Срезовски,
Пејковски, Цуфрев, Поповиќ,
Ивановски, Јандрејковски. Во
периодот 1975 - 1985 ќе се формира една
ракометна генерација која во
младинска конкуренција ќе се
вброи меќу четирите најдобри во
Југославија. Во Купот на
Југославија ќе стаса до
полуфиналето, константно ќе игра
во Втората лига. Но времињата се
менуваа, особено во периодот на
осамостојувањето на Македонија
ракометната игра, како и другите
спортови, се комерцијализира.
Екипите кои благовремено најдоа
спонзори успешно го пребродија
периодот на трансформација. Во
овој период стаса уште една
генерација ракометари Петковски,
Кочовски, Ташковски, Тасевски,
Деспотовски, Димитровски, браќата
Панчевски, Новаковски, Ѓикановиќ,
Стојановски, Љубевски…
Ианку кога се говори за
ракометниот спорт во Републиката
треба да се каже дека свое место
треба да најде и женскиот ракомет.
Женската екипа е формирана во 1951
година од Равијојла Стамовска,
наставник по физичко воспитување.
Во првенставата 1951 и 1952 “Работнички“
е втор зад битолски “Работнк“. По
овие години женскиот ракомет,
како и машкиот замира, а тој е
обнвен во 1955 година. Веќе следната
година имињата на Смиља Митева,
Горица Велкова, Драгица Иванова,
Вера Иванова, Елисавета
Смичковска, Љубица Кузмановска,
Мира Васиљевиќ, Соња Атанасова,
Цука Симиќ ќе останат забележани
како едни од носечките во
женскиот ракомет во Републиката.
Генерациите што уследија потоа во
неколку наврати се обидуваа нешто
повеќе да направат во вторите
ракометни лиги, но се` остана на
обиди. Едноставно, екипата немаше
сили во последните моменти да
стори нешто повеќе. Екипата
остана само како еден солиден
републички тим кој, поради многу
собитија, престанада се
натпреварува.
|