e-mail на 
ОК “Работнички Фершпед“:
volleyball@zsdrabotnicki.com.mk

Одбојкарски Клуб
“Работнички Фершпед“

Историја на клубот

Активноста на одбојката во “Работнички“ започнува веднаш по ослободувањето, поточно веднаш по завршувањето на Втората светска војна, во пролетта 1945 година. Првата одбојкарска екипа на “Работнички“ ја формирал Славко Матовски, истакнат спортист и спортски работник, а првите одбојкарски натпревари се играа на терените на Фудбалскиот клуб “Работнички“, како предигра на фудбалските натпревари. Одбојката како спорт беше вклучена во сите манифестации, а во 1946 година беше организирано и Првото републичко првенство во Битола. Во 1948 година формирана е младинската екипа на “Работнички“ која истата година настапува на Републичкото првенство на кое го освојува 5-то место. Сениорската екипа во тоа време играше на градските и републичките првенства каде што во конкуренција со одбојкарската екипа на “Вардар“ секогаш го заземаше второто место. Одбојкарскиот клуб “Работнички“ престана со активностите во 1955 година, без постигнување на некои повисоки резултати. Иницијатива за обновување на активностите на одбојкарскиот спорт во рамките на семејството “Работнички“ е дадена во 1971 година од страна на Војче Синадиновски, поранешен тренер на ОК “Вардар“, чија сениорска екипа повеќе години ја водеше во натпреварите од Првата сојузна лига. Напуштајќи го “Вардар“, Војче Синадиновски имаше желба да продолжи со спортско-педагошката работа, но со една нова генерација. Така, наскоро успеја да создаде една млада одбојкарска екипа која од тогаш, па до денес знае само за успеси. За роденден на овој нов “Работнички“ се смета 20-ти август 1971 година кога е одржано Основачкото собрание на Клубот, а неговите активни членови беа пионери на возраст од 13 до 15 години, ученици на ОУ “Владимир Назор“. Своите први спортски настапи екипата ги започна во натпреварувачката 1971/72 година. На крајот на сезоната во највисоката Републичка лига, ОК “Работнички“ го зазеде 9-то место кое со оглед на возраста на одбојкарите, беше забележителен успех. Во наредната спортска сезона оваа млада екипа, чија просечна старост изнесуваше 15 години, триумфираше во сите натпревари така што немаше кој да и` се спротистави. Така, републичкиот првак стана член на Втората сојузна лига – Југ, воден од квалитетниот стручњак и педагог Војче Синадиновски, а младите одбојкари на “Работнички“ во силната второлигашка конкуренција во натпреварувачката 1973/74 година се пласираа на третото место. Во натпреварувачката сезона 1975/76 “Работнички“ го освои првото место во Втората лига со сите добиени натпревари. Со ваков пласман одбојкарите на “Работнички“ се здобија со право на учество во квалификационите натпревари за влегување во Првата сојузна лига. Иако во квалификационите натпревари во Приштина одбојкарите на “Работнички“ не се снајдоа најдобро, овој неуспех не ги обесхрабри. Следуваа извонредни настапи на турнирите на републиките и покраините во 1976 и 1977 година во Белград, Градачац и Кралево. Застапувајќи ја младата репрезентација на Македонија на младинските првенства “Работнички“ во периодот од 1976-78 го освои третото, второто, односно првото место претставувајќи се како најдобар млад одбојкарски состав во земјата. Во натпреварувачките сезони кои следеа понатаму одбојкарите на “Работнички“ беа вистински хит не само во Републиката, туку и во цела поранешна Југославија. Ги победуваа екипите кои важеа за сериозен и квалитетен противник, а натпреварите помеѓу двата прволигаша во Републиката, ОК “Вардар“ и ОК “Работнички“ ја полнеа салата во СРЦ “Кале“ до последното место. Во овие натпревари “Работнички“ најчесто доминираше како апсолутен фаворит, дури и во времето кога во “Вардар“ играа најголемите одбојкарски асови на Македонија. Во екипата на “Работнички“ голем број одбојкари беа дел од репрезентацијата на Македонија и младинската репрезентација на поранешна Југославија. Генерацијата на Војче Синадиновски: Крстевски, Васевски, Карановиќ, Делевски, Лепчевски, Чолаковски, Петрушевски, Стојановски, Јовчевски, Кухар, Тодоровски и Атанасовски беше и остана златна генерација на одбојкарскиот спорт во Македонија. По овие големи успеси и доминација на ОК “Работнички“, дојдоа некои други времиња кога клубската каса не можеше да ги задржи најдобрите играчи, па екипата од Првата премина во Втората лига, па во Македонската, повторно во Втората и Првата лига. По распаѓањето на Југославија во 1991 година, екипата на ОК “Работнички“ потпомогната од спонзорството на АД “Фершпед“ се натпреварува во Првата републичка лига. Во периодот од 1990 година до денес тренери на екипата на “Работнички“ беа З.Карановиќ, Војче Синадиновски и Јошко Миленковски. Екипата на “Работнички“, во Државава, во иминатите неколку години е апсолутен првак во одбојка. Станува збор за екипа која речиси половина играчи се во составот на репрезентацијата на Македонија. Женскиот одбојкарски клуб “Работнички“ е формиран во 1978 година, а преоформен е во 1983 година. И тогаш, а и денес, ОК “Работнички“ е составен од студентки, средношколки и основки. За голем дел од овие одбојкарки (и бивши и сегашни) е заедничко едно – сите тие потекнуваат од основното училиште “Владо Тасевски“ за кое и денес со право може да се рече дека претставува расадник на женската одбојка во Македонија. Во текот на изминатите години екипата на “Работнички“ е победник на куповите на Македонија, постојан освојувач на првите места во лигата и воопшто освојувач на сите трофеи кои можат да се освојат во рамките на македонската одбојка. Со еден збор, за екипата на “Работнички“ неуспеси не постојат. Тие секогаш се први во сите натпревари, а витрините на Клубот не се доволно големи да ги соберат сите пехари, пофалници и признанија кои екипата ги освои во текот на своето постоење. Во 1990/91 година екипата на “Работнички“ се натпреваруваше во некогашната силна Втора југословенска лига во која го освои петтото место. Со распаѓањето на Југославија, екипата на “Работнички“ се натпреваруваше во Првата државна лига во која во 1991/92 го освои првото место во Државното првенство и во Купот на Македонија. Одбојкарките на “Работнички“ бележат постојани успеси освојувајќи ги првите места во Државната лига и куповите на Државата.



ЖСД “Работнички“, Градски Парк – Скопје, Македонија
тел/факс: ++389 2 3228712
e-mail: info@zsdrabotnicki.com.mk