Историја на Кугларскиот Клуб “Работнички“

Друштвената игра која повеќе служеше за забава и разонода на повозрасните категории со изградбата на неколку современи објекти – куглани стана интересен и привлечен спорт за многу младинци и младинки во Македонија. Ценејќи дека куглањето има услови за развој и во спортското семејство на “Работнички“, група спортски работници на чело со истакнатата спортистка Елизабета Чолаковска дадоа иницијатива за формирање на Кугларски Клуб “Работнички“ за чиј роденден се смета почетокот на 1977 година. По формирањето, во Клубот беа зачленети 35 куглари и кугларки меѓу кои и државната првенка и европска шампионка од 1975 година, Елизабета Чолаковска. Правејќи ги своите први чекори Клубот започна со подготовки на кугланата “Мусандра“во ГТЦ во Скопје, при што учествуваше во градските и републичките натпревари. Во првите години од формирањето на КК “Работнички“ најуспешни беа кугларите Елизабета Чолаковска, Викторија Маџаровска и Биљана Живиќ кои ги освоија првите медали за новиот Кугларски клуб.
Успесите на КК “Работнички“ продолжија и во наредните години. Елизабета Чолаковска во 1982 година како членка на тогашната исклучително силна југословенска репрезентација учествуваше на првенството во Брно, а Викторија Маџаровска во истата година беше јуниорска репрезентативка и капитен на тогашната југословенска репрезентација.
Во 1985/86 попат на квалификациони натпревари машката екипа на КК “Работнички“ стана член на Првата сојузна кугларска лига на поранешна Југославија. Во тогашната Првата сојузна лига екипата на “Работнички“ се натпреваруваше “рамо до рамо“ со 12-те силни југословенски екипи при што најголем успех беше освојувањето на 5-то место во лигата со кугларите: Јанев, Манев, Никодиновски, Митевски, Ајдинов, Николовски, Мацановиќ. Екипата ја водеше тренерот на КК “Работнички“, Ристо Петров. Кога го спомнавме Манев (Тодор) треба да се каже дека се работи за еден вонсериски куглар кој во периодот кога членуваше во “Работнички“ ги постигна и своите најдобри, но воедно и најдобри резултати воопшто во кугларскиот спорт во Република Македонија. Потпомогнат од стручната работа со Ристо Петров, Манев во овој период освојува голем број медали: 24 златни, осум сребрени и шест бронзени медали на републичките, сојузните и меѓународните натпревари. Врв на сето е светската вице-шампионска титула освоена во Бланско, Чешка (1995).
Од 1991 година КК “Работнички“ се натпреварува во Првата македонска лига и забележува забележителни резултати. Во 1994 година екипата на “Работнички“ за првпат, како првак на Државата, учествуваше на Светскиот куп во куглање одржан во Цеље (Словенија). Боите на екипата на “Работнички“ која тогаш го освои десетотоместо, ги бранеа: Стојановски, Даниловски, Стојковски, Згонц, Јанев, Петревски, Спасовски. Во 1996 година екипата на “Работнички“, повторно како првак на Државата, учествуваше на Светскиот куп во Будимпешта на кој, во елитната светска кугларска конкуренција, го зазеде 11-то место со кугларите: Стојановски, Јанев, Стојковски, Даниловски, Поп-Крстев, Анцевски, Тодоровски и Спасовски.


ЖСД “Работнички“, Градски Парк – Скопје, Македонија
тел/факс: ++389 2 228712
e-mail: info@zsdrabotnicki.com.mk