e-mail на 
КК “Фершпед
Работнички“:
basketball@zsdrabotnicki.com.mk


Историја на КК “Фершпед Работнички“

Кошаркарскиот клуб “Работнички“ е основан во 1946 година благодарение на Славко Матовски кој “собрал“ група млади ентузијасти и ги подучувал за тајните на овој спорт. Од основањето на клубот повеќе години машката екипа на “Работнички“ (Славко и Никола Матовски, Лазаревиќ, Луковски – Аџија, Христовски, Стојановски, Димовски, Стефан и Тошо Тодоровски, Димовски, Атанасовски…) се обидуваше да се пласира во елитната Југословенска кошаркарска лига. Во 1953 година тоа и и` успеа. “Работнички“ се натпреваруваше во Првата сојузна лига – Исток, но само една сезона. Од тоа време вреди да се напомни и третото место на Државното младинско првенство во 1957 година. Се раѓаше нова генерација (Књазев, Фишиќ, Н.Матовски, Дрнков, Мастен, Мировски, Лечиќ…) која дури во 1964 година се избори за правото да членува повторно во елитната Прва сојузна лига. Во Првата сојузна југословенска кошаркарска лига екипата на “Работнички“ играше постојано од 1965 година до распаѓањето на Југославија. Од 1963 година до 1970 година за репрезентацијата на поранешна Југославија настапуваа Ј.Луковски и С.Андоновски, а во периодот од 1970 до 1977 година: Боцевски, Радосављевиќ, Георгиевски, Ковачевиќ и Радуловиќ, а Благоја Георгиевски е еден од најистакнатите спортисти на Македонија и еден од ретките македонски спортисти кој ја носи највисоката спортска титула – заслужен спортист на поранешна Југославија. По распаѓањето на Југославија дојде и до распаѓање на Првата југословенска кошаркарска лига, а кошаркарските клубови од Републиката своите натпревари ги продолжија во рамките на Републиката. Во државното првенство во 1992/93 од двете кошаркарски лиги – Исток и Запад првите четири екипи од двете групи го обезбедија учеството во Првата мак-партнер кошаркарска лига. Во рамките на оваа лига екипата на “Работнички“ е до денес апсолутен фаворит кој постојано се наоѓа на првото место во Државата. Од постоењето на КК “Работнички“ до денес низ овој Клуб продефилирале голем број кошаркари кои, секој на свој начин, дадоа придонес во развивањето на кошаркарскиот спорт во Македонија и влијаеле на успехот на КК “Работнички“.


ЖСД “Работнички“, Градски Парк – Скопје, Македонија
тел/факс: ++389 91 228712
e-mail: info@zsdrabotnicki.com.mk