Историја за ЖСД “Работнички“

1937 година, во предвечерјето на Втората светска војна, во скопското Дебар Маало се зароди идејата да се формира фудбалски спортски клуб. Клуб кој согласно на ставот на своите основачи ќе им пркоси на своите соседи од левата и десната страна на Вардар, но истовремено ќе им пркоси и на сите оние што сметаат дека се нови копачки и нова спортска опрема, со големи игралишта и трибини ќе можат да ги оборат на плеќи дебармаалчани. Така Железничкото спортско друштво “Работнички“ – Скопје беше формирано есента 1937 година во Скопје за време на некогашната Кралевина југославија од група спортски ентузијасти од скопското дебар Маало како Спортски клуб “Рсднички“ (според српското читање на името). Спорт клубот, како таков, официјално е регистриран во Министерството за физичко воспитување на народот во Белград и од октомври 1937 година и официјално ја започнува својата спортска активност како Спорт клуб “Работнички“. Во својата првична организациона поставеност него го сочинувале Фудбалскиот клуб “Работнички“, Шаховскиот клуб (секција) “Работнички“ и една библиотека. Во неговото формирање и организаторска работа многу помогнал и Дане Крапчев кој во тие предвоени години живеел во Дебар Маало. Фудбалот, основоположникот на спортското друштво “Работнички“ се играл, пред, но и за време на Втората светска војна. По Војната дојдоа некои други времиња за македонскиот спорт кога почна да се омасовува работата на спортските асоцијации во републиката. “Работнички“, како впрочем и повеќето други спортски клубови во Републиката, потпаѓа под синдикален патронат. Тоа беше повод како печурки да почнат да никнуваат нови спортски секции – клубови. Особена нагласка во спортскиот развој “Работнички“ добива со неговото земање под патронат на железницата со што семејството на “Работнички“ стана Железничко спортско друштво “Работнички“. Во Друштвото до денес работеле повеќе спортски клубови: фудбалски, атлетски, боречки, велосипедски, карате, кошаркарски, кугларски, мечувалски, одбојкарски, планинарски, пливачки, ракометен, скијачки, столно-тениски, стрелачки, тениски и шаховски. Секако, кога се говори за овие спортски клубови, редно е да се напомни дека некои од нив биле формирани, па нивната активност замирала со работа, а има и такви кои повторно, поради пројавен интерес, се возобновувале. Историјата на спортското опстојување на ЖСД “Работнички“ ќе забележи и клубови кои го напуштаат Друштвото и самостојно продолжуваат да се натпреваруваат во својата спортска асоцијација – како што е случајот со Карате клубот “Работнички“, но и клубови кои, во интерес на некои повисоки спортски цели, со декрет биле затворани. Спортистите на “Работнички“ од далечната 1937 година, па до 1991 година опстојуваа на просторитена некогашна Југославија, а денес во рамките на спортските натпреварувања во Република Македонија. Играчите на “Работнички“ со гордост го носеле и го носат црвениот дрес со желба да се биде најдобар и да не се потклекне во спортското надигрување. Оваа традиција овозможи секаде каде што ќе се појави спортската екипа на “Работнички“ да се очекува спртски настан кој на гледачите ќе им понуди комплетно уживање во играта. Во ЖСД “Работнички“ во моментов членуваат над 2.200 спортисти распоредени во пионерска, кадетска, младинска и сениорска конкуренција на натпреварување. Податок кој вели дека во времето на комерцијализацијата на спортот, а особено на врвниот спорт, “Работнички“ со своите спортски клубови се` уште е збиралиште на младите генерации негувајќи ги сопствените спортски школи во кои талентите стануваат врвни спортисти. Во рамките на спортските екипни и државни натпреварувања Друштвото досега повеќепати е наградувано и одликувано. Меѓу одличјата секако најзначајни се: Орденот заслуга за народ со сребрена ѕвезда; 25-то мајската награда; 13-то ноемвриската награда на Скопје, како и многуте пофалници и признанија добиени од спортските асоцијации и колективи.




ЖСД “Работнички“, Градски Парк – Скопје, Македонија
тел/факс: ++389 2 3228712
e-mail: info@zsdrabotnicki.com.mk